logo

Собранието под лупа: Извештај за дебатата на пратениците во октомври

sobranie-boris-trajkovski
Share on facebook
Share on twitter
sobranie-boris-trajkovski
Пратеничките ги надзборуваа пратениците на седниците во Собранието кои се одржаа во октомври. Жените продолжија со зголемување на својот удел во парламентарните расправи со што достигнаа 56% од вкупните дискусии. Притоа, на пратеничките се должи и продлабочувањето на дебатата по однос на неколку теми бидејќи тие ги дадоа и поголемиот број на реплики и контра-реплики.

Во октомври дебатата во Собранието во поголем дел остана слаба со ретка размена на мислења и ставови околу повеќето од законските предлози. Малиот број на реплики и контрареплики по излагањата на пратениците не овозможија преку дебата да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи со што би се добиле поквалитетни одлуки во прилог на општото добро и јавниот интерес.

Повторно, како и во изминатите периоди на мониторинг, ниту еден пратеник не беше убеден во исправноста на аргументите на другите говорници до таа мера да ја промени својата позиција. Пратениците повторно не покажаа голем интерес за ставовите и позициите на другите говорници.

Ова се дел од наодите во третиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собранието кој го подготвува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“. Целосниот извештај за октомври можете да го погледнете линковите на македонски и албански јазик.

 Според податоците добиени од анализата на говорите на 11 собраниски седници во периодот од 1 јуни до 31 октомври пратениците кои земале збор во најголем дел ги аргументирале своите позиции со 2 и повеќе од 2 аргументи. 

Теми кои најмногу го предизвикаа вниманието на пратениците и на кои најмногу се дискутираше на мониторираните седници во октомври беа Дополнетиот предлог на Буџетот за 2015, седницата за пратенички прашања (прва за овој состав на Собранието), Извештајот на Европската комисија за напредокот во 2014 година, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за технолошко индустриските зони.

Мониторингот на Собранието опфаќа следење на дебатата на пленарните и на седниците на осум комисии одбрани според нивното значење за политичките процеси и култура во државата. Говорите на пратениците на овие седници ќе се анализираат во период од 10 месеци.

Проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ го водат Институтот за демократија и италијанскиот Институт за Централна, Источна Европа и Балкан и е финансиран од Европската Унија. 

Поврзани објави