grafikon31072012

Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје (ИДСЦС) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во јули 2012 г. ги истражуваа ставовите и перцепциите на граѓаните за теми од домашната политичка сцена, преку прашања поврзани со рејтинзите на политичките партии и предизборните здружувања помеѓу политичките партии. Автори на извештајот се Владимир Мисев и Близнаковски Јован од Институтот за демократија.

Според истражувањето, партијата на власт ВМРО – ДПМНЕ ужива повисок рејтинг во однос на опозициската СДСМ, 25,5% наспроти 19% од определените гласачи. Кај политичките партии со доминантно етнички албански гласачи, ДУИ е во предност во однос на ДПА со 11,1 спрема 6,6%. Скоро една третина од испитаниците (32,4%) не сакаат да дадат одговор за која партија би гласале на следните избори.

Една четвртина од испитанците очекуваат дека ВМРО – ДПМНЕ ќе победи на следните избори (25,1%), додека победа на СДСМ очекуваат 15,2% од вкупниот број испитанции.

Скоро една третина од граѓаните (31,3%) би гласале за нова политичка партија. Сепак, 49,7% не би го дале својот глас за нова политичка опција. Ваквото расположение во подеднаква мера преовладува и кај двете најголеми етнички заедници во државава.

Граѓаните во поголема мера се скептични дека предизборното коалицирање ќе и донесе победа на опозицијата (51,5%). Од друга страна  20,8% од граѓаните очекуваат победа на опозицијата. Исто така, 56,2% од граѓаните не ја одобруваат коалицијата меѓу Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. Причините за кои што не ја одобруваат ваквата коалиција во најголема мера се гледаат во недостатокот на политички кредибилитет кај овие политичари (45,3%). Помал дел (18,4%) ја одобруваат коалицијата меѓу Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски и главната причина зошто ја одобруваат ја гледаат во потребата власта да си замине по секоја цена.

За методологијата: Истражувањето е спроведено со теренска анкета – лице во лице во домаќинствата од 19 до 26 јули 2012 г. на репрезентативен примерок од 1.600 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезента¬тивност беа: пол, етничка припадност, возрасти место на живеење. Теренската анкетата ја спроведе Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје (ИДСЦС). Сите резултати од ова истражување се подложни на статистичка грешка од 2,45 %.

Извештајот во целост можете да го преземете на следниот линк: